Поради густата магла неколку денови по ред е отежнато работењето на скопскиот аеродром, а дел од летовите беа откажани, дел пренасочени на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид и во соседните земји.
Вчера, откажан беше летот за Виена и Истанбул додека авионите кои се обраќаа на релација Истанбул – Скопје и Виена – Скопје, повторно со се екипажот се вратија назад. Летот од Загреб беше пренасочен во Приштина, додека авионот од линијата Базел – Скопје беше пренасочен во Охрид.
Скопскиот аеродром поради магла речиси секоја година во зимскиот период има проблеми во работењето. Денес е нормализирана состојбата на аеродромот „Александар Велики“, велат во дописот од ТАВ Македонија.
Од АМСМ пак соопштија дека поради појава на магла, намалена видливост има на следниве населени места: Струмица 100 - 200 метри, Велес до 50 м, Неготино до 100 м, Демир Капија до 200 метри, Удово до 100 метри, Гевгелија до 50 метри, Скопје – Катланово и Скопска обиколница 10 - 15 метри. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен-Буково.
Според информација од ЈП Јасен, патниот правец Скопје - Македонски Брод низ Јасен, од 02.02.2017 година од 14:30 часот е со ограничена проодност. Во утврдените термини за еднонасочен сообраќај, дозволено е движење само на лесни теренски возила со погон 4x4.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.