Меѓународна конференција и работилница од денеска до 9-ти овој месец ќе се одржуваат во Скопје во организација на Управата за хидрометеоролошки работи и во соработка со Светската метеоролошка организација и УСАИД.

Конференцијата и работилницата се во рамки на меѓународниот проект „Зајакнување на системот за рано предупредување на временски и хидролошки непогоди во регионот на Југоисточна Европа“.

На конференцијата најавено е присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, на директорот на УХМР Оливер Ромевски, како и на претставници од Светската метеоролошка организација и други европски организации од областа на метеорологијата и хидрологијата.

Изминатите години ЈИЕ, се соочи со значителен број сериозни метеоролошки и хидролошки појави кои предизвикаа големи количини врнежи, што доведе до појава на поплави, лизгање на земјиште, суши и шумски пожари, продолжени периоди на студено време, топлотни бранови, силни бури и град. Овие опасни појави имаа значително влијание во регионот, вклучително и загуба на човечки животи, штети на имотите и инфраструктурата и го нарушија функционирањето на клучните сектори, се наведува во соопштението на УХМР.

Со цел да се овозможи подобро справување со поплави, лизгање на земјиште, суши и топлотни бранови кои често го погодуваат регионот на Југоисточна Европа, како што информираат од УХМР, ќе се воведе нов прекуграничен систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави.

Новиот систем кој е наречен „Систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави во ЈИЕ“ (South-East European Multi-Hazard Early, Warning Advisory System-SEE-MHEWS-A) ќе им обезбеди на активните метеоролози ефективни и тестирани алатки за прогнозирање опасни временски појави како и нивните можни влијанија. Преку единствена виртуелна платформа, системот ќе претставува поддршка за добивање точни прогнози и предупредувања од аспект на донесувањето одлуки на надлежните органи, поврзани со некаква опасност.

Проектот „Систем за рано предупредување и известување за повеќе опасни појави во ЈИЕ“ е финансиран од УСАИД и Канцеларијата на САД за помош при несреќи во странски земји, а го спроведуваат Светската метеоролошка организација со поддршка од Финскиот метеоролошки институт.