Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска на министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу му предаде донација од 31 теренско возило „Санг Јонг Рекстон“ за Министерството за внатрешни работи. Донацијата во вредност од околу 800 илјади евра ,пред сѐ, е наменета за зајакнување и надополнување на техничките капацитети на граничната полиција, со цел нејзино полесно и поефикасно функционирање според современите професионални стандарди и полесно справување со предизвиците во борбата против меѓународните закани и прекуграничниот криминал, а особено во справување со мигрантската криза.
„Во име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија сакам да изразам благодарност за несебичните заложби и ангажмани на господинот Јоханес Хан, на Канцеларијата на Европската Унија во Македонија и на Европската Унија за оваа, за нас, мошне значајна помош и поддршка, со силна увереност дека соработката ќе продолжи и ќе се интензивира во иднина“, рече министерот Нухиу. Во своето обраќање еврокомесарот Хан рече дека Европската комисија ќе продолжи да и помага на Република Македонија и во иднина во справувањето со предизвиците како мигрантската криза.
Центарот за управување со кризи пак доби две возила како донација.