Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска направи увид во активностите за изградба на новата спортска сала во состав на основното училиште „Кирил и Методиј“ во Центар. Како што информираше, салата чиј инвеститор е Министерството за образование и наука, ќе биде готова до средината на годинава.
„Новата спортска сала интензивно се гради за потребите на најстарото училиште „Кирил и Методиј“, кое е основано пред 180 години. Станува збор за исклучително значајно училиште во центарот на градот, во кое долг период немаше речиси никаков објект за спортски активности. Се работи за капитален проект во вредност од 32 милиони денари. Очекуваме во мај, објективно јуни, оваа сала да биде предадена на училиштето, а од септември следната учебна година учениците ќе може своите часови по физичко воспитание да ги спроведуваат во модерен спортски објект“, рече Ристовски.
Ристовски потенцираше дека ОУ„Кирил и Методиј“ и понатаму ќе биде во фокусот на Министерството за образование и наука, потсетувајќи дека во него (заедно со ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром) четврта учебна година се спроведува меѓународната ИБ-програма.