Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмет од областа на судирот на интереси констатира состојба на судир на интереси кај лицето Теодор Андоноски поради кумулација на функции – извршување на две функции.
Имено, службеното лице, покрај функцијата член на Управен одбор на Државен студентски дом „Никола Карев“ - Охрид ја извршува и функцијата Неизвршен член на Одбор на директори во ЕМО АД Охрид.
Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба,
Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси се обрати до наведеното службено лице со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето доброволно да се откаже од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршува со што ќе ја спречи кумулацијата на функции, односно состојбата на судир на интереси во која се наоѓа.
Теодор Андоноски не постапи по барањето на Државната комисија, поради што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука на ова лице да му изрече мерка јавна опомена.
Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање.
Во контекст на наведеното, Државната комисија за спречување на корупцијата Ви ги доставува податоците за изречената мерка ЈАВНА ОПОМЕНА на наведеното лице со цел нивно објавување во јавноста.