Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски денес учествуваше на Неформалниот министерски состанок на земјите-членки на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, што се одржа во Загреб, на кој клучни теми за дискусија беа европските интеграции и регионалната стабилност.

„Сите наши граѓани си ја сакаат Македонија повеќе од било кој политичар надвор, со профитерска агенда. Нема да им дозволиме за нивна изборна кампања да ни прават раздор кај нас. Мудроста од нашиот народ е поголема од нивните апетити. Нема да не вовлечат во нивната игра. Треба да се посветиме на тоа што не обединува во Македонија и да го заштитиме нашиот интерес. Нашата агенда е премногу драгоцена за да ја препуштиме на други. Македонија, обединета, унитарна, стабилна и просперитетна е нашата цел“, потенцираше министерот Попоски, во однос на последните случувања поврзани со внатрешната состојба во Република Македонија.

Покрај шефовите на дипломатиите на државите од Југоисточна Европа, на состанокот учествуваа и Генералнот секретар на РСС Горан Свилановиќ како и директорот на Регионалниот центар за безбедносна соработка РАКВИАК, амбасадорот Хајдар Берк.

На министерски состанок беше усвоена и Заедничка изјава од страна на учесниците на Процесот.