Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ целосно се завршени градежните активности за реконструкција на блокот А, како втора фаза од процесот за целосна обнова на домот. Досега целосно се реновирани блоковите А и Б, а за десетина дена се очекува да започнат активностите и за реновирање на останатите два блока В и Г и до следната година да бидат целосно завршени.
Увид денеска извршија замeник министерот за образование и наука Спиро Ристовски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Ристовски информираше дека реконструкцијата на блокот А е инвестиција вредна околу 1,5 милиони евра, средства со кои е извршена замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, молерисување на ѕидовите, нови лифтови и комплетно нова опрема во сите соби.
За двата блока кои досега се обновени, инвестирани се 3 милиони евра. Секој од блоковите во просек имаат меѓу 320 и 335 легла, што само по себе е како една висококатница. Втората крупна инвестиција која се реализира е набавката на мебелот за сите државни студентски домови. Во следните 45 дена се очекува на ниво на цела држава да се заврши со замена на мебелот, а на барање на самите студенти набавени се перални и сушални исклучиво за нивни потреби, изјави Ристовски.
Посочи дека станува збор за инвестиција вредна 200 илјади евра, со што ќе се набават 50 професионални машини за перење и 50 професионални машини за сушење алишта со капацитет до 10 килограми.
– Тие ги ветивме минатата година во рамки на 40 проекти за млади. Од четири блока, блоковите А и Б веќе е се комплетно завршени и следуваат блоковите В и Г. Идејата беше да не се затвори студентскиот дом две години за да се реновира, туку студентите да има каде да престојуваат, а дел по дел да се заврши. Се што ветивме се реализираше, изјави Груевски.
Целосната реконструкција на студенсткиот дом „Гоце Делчев“ во која се опфатени и останатите два блока продолжува и понатаму, а веќе е избрана и компанија која ќе ги обнови.
Набавката на мебел за сите државни студентски домови веќе е во завршна фаза, а во тек е и замена на стариот мебел и во сите останати домови во Скопје, по што ќе бидат опфатени и домовите во другите градови.
Станува збор за инвестиција од 1,5 милиони евра и таа ќе биде заокружена во следните два месеци.
Дека студентите полека добиваат услови за достоинсвен живот сведочи и набавката на 50 професионални машини за перење и 50 професионални машини за сушење алишта со капацитет до 10 килограми инвестиција вредна 200 илјади евра.
Ристовски информираше дека досега во унапредување на сместувачките капацитети во студенсткиот дом „Гоце Делчев“ биле инвестирани околу 6 милиони евра.
Директорката на студентскиот дом „Гоце Делчев“ Даниела Темелкова рече дека со реконструкцијата се подигнува студентскиот стандард и студентите ќе имаат поголемо задоволство од својот престој во овој студентски дом.