Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими денеска ги посети пензионерите во Бања Банско, дел од првата група корисници на услугата за бањско-климатска рекреација. Во Бања Банско во моментов се пристигнати 168 лица кои користат здравствени и сместувачки услуги со седумдневен престој.

– Во минатите седум години оваа услуга ја искористија 37.193 пензионери. Од разговорите со нив, тие изразија големо задоволство од аранжманите. Годинава аплицираа 20.058 пензионери. Од нив, 5.500 ќе ја искористат можноста за бањаски престој, а 2.114 пензионери ќе одат на туристички викенд. Од денеска тргнаа првите викенд корисници, рече министерот Ибрахими.

Според него, програмата за бањска-климатска рекреација и туристички виукенд ќе продолжат и во иднина, од една страна за максимално уживање на староста на околу 300 илјади пензионери, а од друга страна за развој на туризмот.

На новинарско прашање за статусот на раселените лица од поплавите кои до вчера имаа право да бидат сместени во центрите „Сенич“ и „Партениј Зографски“, министерот рече дека нема причина зошто да им се продолжи престојот.

– Нашите екипи излегоа на терен, како и многупати досега. Според податоците кои ги добивме од Министерството за финансии, на сите лица уште од октомври им се исплатени парите за обештетување. Истовремено, секој месец, само за сместените лица во „Сениќ“, од сметката на Министерството за труд и социјална политика се префрлаат околу 20 илјади евра. Сега и временските услови се поволни, а и извештаите на теренските тимови укажуваат на тоа, дека нема логика да им се продолжи престојот, рече Ибраими.

Прашан, што ќе преземе министерството за ромската населба во Кисела Вода, министерот Ибраими рече дека вторник ќе се сретнат со градоначалникчата Билјана Беличанец- Алексиќ.

– Овие лица подолго време престојуваат таму. Ќе се видиме во вторник со градоначалничката за да најдеме соодветно решение. Министерството нуди можност за сместување во Чичино село. Но, јас ќе предложам и на Влада изградба нови сместувачки капацитети за да може да им се помогне на лицата од Кисела Вода, од Бутел да добијат привремено сместување додека Владата не изнајде некои подолготрајни решенија, рече Ибрахими.