Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека врши проверки поврзани со финансиски истраги за поголем број физички и правни лица.
– Пред ова Јавно обвинителство се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување финансиски истраги против поголем број физички и правни лица. Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење, велат во соопштението од СЈО.
Проверката на имотната состојба, како што појаснуваат, подразбира детални проверки за целокупниот имот што лицата може да го поседуваат и тоа, како недвижен, така и подвижен имот.
– Во оваа насока испратени се голем број барања до различни институции, со напомена дека бараните податоци се во врска со предистражни постапки. Предвид наведеното укажуваме државните институциите да преземат мерки со кои ќе се оневозможи јавно објавување на податоци за предистражни постапки кои, согласно законските прописи, се тајни. Недозволиво е државни институции да им овозможат увид на лицата за кои се вршат проверки во видот и карактерот на проверките кои ги врши ова Јавно обвинителство, согласно законските овластувања и прописи, наведуваат во денешното соопштение од СЈО.