Oва е време кога целиот свет се трансформира. Европа и Азија никогаш не биле подобро инфраструктурно, економски, енергетски поврзани. Но, истовремено, Европа и Азија никогаш не биле толку културно и цивилизациски отуѓени, со пораст на ксенофобијата и стравот од различноста, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на свеченото отворање на јубилејниот 20. Евроазискиот економски форум, што се одржува денеска и утре во Истанбул.

На Евроазискиот економски форум кој традиционално се одржува секоја година во Истанбул учествуваат актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.

Последните неколку самити беа посветени на темите како мигрантската криза и тероризмот. Годинава Евроазискиот економски форум се одржува на тема „Човештвото на крстосница", а меѓу темите на дискусија ќе бидат и предизвиците со кои се соочува Европската Унија.

Во овој контекст, на свеченото отворање на форумот, претседателот Иванов порача дека Европа останува да биде суперсила на животниот стил. - И, иако оваа суперсила сега е во криза, не смее да се заборави дека кризата е и можност за нови решенија, рече Иванов во обраќањето.

Иванов во поздравниот говор го потенцираше значењето на овој форум. - Со своите теми, дебати и идеи, форумот влијае на политиките на државите бидејќи ги отвора перспективите и ги трасира патиштата за соработка меѓу државите и економиите од Европа и од Азија, порача македонскиот претседател.

Претседателот Иванов утре ќе има свое обраќање на претседателската сесија на форумот. Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток.