Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до г-ѓа Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.
Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,
Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам еден од најголемите еврејски празниици, претстојниот празник Пасха.
Пасха е еден од трите празници на поклонението. Тој го прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство. Според легендата, се слави доаѓањето на израелските племиња во Египет, нивното ослободување од египетското ропство и потребата од пасхална жртва. Евреите низ светот, од поколение на поколение, одбележувањето на овој ден го поврзуваат со борбата за слобода и за непокорност, како симбол на ново раѓање и надеж. Негувајќи ја традицијата ги негувате вистинските вредности на религијата, поклонението и ја славите слободата.
Честитајќи Ви го празникот Пасха, сакам да порачам дека заеднички треба да придонесеме за почитувањето на религиските и на културните посебности создавајќи вредности за идните генерации. Примете ги моите искрени желби за мир, меѓусебна доверба и пријателство.