Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка на која мора да се работи во следниот период, оценија Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум Република Македонија – Босна и Херцеговина, одржан во Скопје.

Двајцата посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската соработка и изразија подготвеност за создавање на правната рамка со цел зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Според претседателот Иванов, статистичките податоци кои покажуваат дека Босна и Херцеговина е дури 20. трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари и не соодвествуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

- Посетата на господинот Иваниќ и овој бизнис-форум е израз на подготвеноста на нашите држави и институции да им помогнат на стопанствениците. Тука сме за да отвораме нови перспективи, да создаваме нови правни рамки за поконкретна соработка, да одговориме на потребите на стопанските субјекти и да им овозможиме на нашите народи да продолжат да го негуваат традиционалното пријателство, нагласи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател додаде дека има солидна основа за унапредување на економската соработка, односно двете држави ги имаат главните предуслови како што се заемна доверба, препознатливи и прифатени брендови, како и отворени и пријателски пазари.

Во насока на продлабочување на економската соработка, претседавачот Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и компаниите од Босна и Херцеговина.

- Мислам дека постои взаемен простор соработката во економскиот дел меѓу Македонија и Босна и Херцеговина значително да се зголеми. И ние и вие имаме релативно стабилна валута, и ние и вие сме дел од современиот свет, и кај нас и кај вас даноците се релативно стабилни и мислам дека постои навистина голем простор за соработка. Треба да има поголема директна поврзаност, истакна претседавачот Иваниќ, додавајќи дека без економски развој, нема ниту политичка стабилност.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и Спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.