Проблемот со неисплатените субвенции за земјоделците за 2015 и 2016 година не е ниту во Министерството за земјоделство ниту кај Платежната агенција, изјави денеска министерот за земјоделство Михаил Цветков.

За да ги добијат земјоделците субвенциите потребно е да се надмине коализијата на Законот за избори и Законот за земјоделство и рурален развој.

„Кај нас како Министерство за земјоделство и кај Платежната агенција не е спорно ништо за исплата на субвенции. Во секој случај, сега имаме проблем со Министерстовото за финансии и се надевам дека во најскоро време и овие проблеми ќе бидат завршени“, рече Цветков.

Првиот човек на Министерството за земјоделство изјави дека е испратен писмен налог за исплата на субвенциите до Платежната агенција, но дека не може да лицитира со датумот кога парите би легнале на сметките на земјоделците.

„Не се поставува прашање дали има пари. Ние можеме да кажеме дека во моментов немаме да исплатиме 50, 60 милиони евра, но на сите ни е јасно дека можеме да исплатиме 5 милиони евра“ – дополни министерот.