Демократската унија за интеграција попладнево соопшти дека нема промена во одлуката да се создаде новото парламентарно мнозинство кое ќе го избере Талат Џафери за претседател на Собранието и оти сите други информации ги смета за злонамерни шпекулации.
– Оваа одлука не е индивидуална определба на поединечен член на ДУИ, туку е колективна партиска одлука и реализација на албанските очекувања на изборите. Затоа, со огорченост ја демантираме оваа измислица како тенденциозна и сосема неточна информација. Парламентарно мнозинство во овој состав нема да има без ДУИ, и ДУИ останува темел на духот на реформите, интеграцијата и еднаквоста во согласност со Охридскиот договор,се вели во соопштението.
ДУИ посочува дека е посветена на реализација на волјата на новото парламентарно мнозинство, изборот на Џафери за претседател на Собранието и формирањето на новата влада.