Македонската филхармонија в четврток со симфонискиот концерт „Слободен и среќен“ ќе го почне вториот дел од концертната сезона 2018/2019. Од 20 часот првпат на македонската музичка сцена како солист ќе настапи француската трубачка Лусјен Ренодин-Вари и ќе го изведе атрактивниот Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од ерменскиот композитор Александар Арутунијан.
Заменик-министерот за култура Владимир Лазовски од 18 до 21 јануари присуствува на церемонијата на отворање на Европскиот град на културата за 2019 година во Матера – град во јужна Италија. Целогодишната програма ќе се одвива под мотото „Отвори иднина“.
Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци синоќа беше отворена изложба со слики од ликовниот уметник Владимир Темков. Изложбата се совпадна со одбележувањето на 40 години од неговото творештво и шест децении живот на уметникот. Изложени се 60 слики.
Гудачкиот квартет „Вива стрингс“ синоќа во киносалата во Делчево одржа едночасовен концерт и изведе хитови на АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј…
Во галеријата „Акантус“ денеска ќе биде поставена изложбата „Емоции за еден град“ на дизајнерот Горан Костовски.
НУЦК „Антон Панов“ го објави Конкурсот за 20 Меѓународен фестивал на карикатура и афоризaм „Струмица 2019“, што секоја година се одржува во Струмица по повод Карневалот.
Министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Хилтоновиот хотел „ Double tree“ присуствуваше на свечениот собир на дипломираните студенти од Република Македонија кои својата стручна наобразба ја стекнаа на универзитетите во Република Турција.
Идентитетот и културното наследство се клучни фактори за развој на туризмот. Државите треба да најдат начин преку промоција на својата историја и традиција да привлекуваат што е можно повеќе туристи, сметаат учесниците на 7. Меѓународна конференција „Водици 2019“ што се одржува во Струга.
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) официјално стана репрезентативен, кој ги застапува правата на вработените во областа на културата. Соопшти дека вчера од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска примил допис со кој му биле доставени решенијата за утврдување на репрезентативноста во културата.
Во Домот на култура „Илинден“ денеска беа изложени 30 дела изработени во техника акрил на платно и масло на платно направени за време на 16-та меѓународна ликовна колонија „Карпино 2018“ – Куманово, што се реализираше во периодот август-септември, минатата година. Изложбата е во организација на Општина Илинден и Националната установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово.