Премиерот Зоран Заев во Њујорк се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој порачал дека Владата треба да продолжи да работи демократски на започнатите реформи и оти тоа што ќе го постигнете е важно за перспективите на вашата држава и за целиот регион.

Тој, како што соопшти службата за информирање на Владата, ги оценил иницијативите на македонската Влада за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евроатлантските интеграции.

Премиерот Заев соопштил дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евроатлантски цели на државата.

– Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на кој веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евроатлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајќи ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО, потенцирал македонскиот премиер.

На средбата се разговарало и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе имаат отворени евроатлантски перспективи за економскиот развој на Република Македонија.

По едночасовната средба на премиерот Заев со еврокомесарот Хан, претседателот на Владата на Република Македонија бил на вечерата што за лидерите на Западен Балкан ја организираше високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.