Младите ракометари на Металург очигледно не се снајдоа во улога на фаворити, која едногласно им беше доделена, и ја загубија средбата со Чеховски Медведи. Загубивме два бода и сериозно ги намаливме своите шанси за освојување на второто место во нашата група. Се што со голема мака го стекнавме на двете гостувања во Запорожје и во Чехово, денеска многу лесно го прокоцкавме на свој паркет.
Металург денеска го одигра својот најслаб натпревар во досегашниот тек на Лигата на шампионите и безмалку им ја даде победата во рацете на нашиот денешен противник. Ракометарите, пак, на Чеховски Медведи максимално ја искористија понудената шанса и ги запишаа своите први бодови во актуелната сезона.
Од самиот почеток се виде дека Металург има проблем во сите фази на играта. Во нападот ни требаа 7 минути за да го постигнеме првиот гол, а во одбраната примавме голови во секој напад на гостинските ракометари, а првата голманска одбрана ја забележавме дури во 27. минута. Ракометарите на Чеховски Медведи рано направија разлика од пет гола, 2:7, која се провлече скоро до крајот на денешната средба.
Нешто поинаква игра видовме во второто полувреме, во кое Металург вложи многу напор за да го промени резултатот во своја полза. Сепак, и во овој дел најпрво дозволивме противникот да ни поведе со максимални 7 гола разлика, 18:25 во 47 минута, за да после тоа се фрлиме на една карта и да го нападнеме голот на денеска извонредниот голман Павленко. Но, се што стигнаа да направат нашите ракометари беше намалувањето на разликата до конечните -3 гола.