Министерот за култура Алаѓозовски, истакна дека со овој буџет се прави и значаен исчекор во поддршката за активности од меѓународната соработка и за новите уметнички изрази.

Вкупниот буџет на Министерството за култура за 2018-та година изнесува 4 милијарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно околу 69 милиони и 406 илјади евра. Над 92 проценти од буџетот се предвидени за финансирање на дејности од културата, додека околу 8 проценти одат за трошоците на администрацијата на Министерството за култура.

15 проценти од вкупниот буџет за дејностите се предвидени за обврските за изградба на Македонската филхармонија (600 милиони денари). Во делот на капиталните проекти, 10 милиони денари ќе се потрошат за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола и уште толку за изградба на спомен обележје на Тоше Проески.

Министерот за култура Алаѓозовски, истакна дека со овој буџет се прави и значаен исчекор во поддршката за активности од меѓународната соработка и за новите уметнички изрази. Обезбедени се 20 милиони денари за финансирање активности за европски интеграции, што е зголемување од 90 проценти, а 28 милиони денари првпат ќе бидат инвестирани во нови мултидисциплинарни, интердисциплинарни и модерни уметнички изрази. Удвоени се и средствата за поддршка на млади таленти.