Состанок на министерскиот совет, седница со парламентарната група на СИРИЗА и тет а тет средба Ципрас - Каменос, се дел од можните следни чекори на грчкиот премиер во однос на прашањето за името.

Официјална потврда нема, меѓутоа во изминатите денови, откако спорот меѓу Македонија и Грција стана главна тема кај јужниот сосед, новинарите излегоа со разни анализи, во кои меѓу другото ги споменуваат и сценаријата да се одржи владина седница со сите министри од владата и оние од СИРИЗА и оние од Независни Грци, да заседаваат пратениците од владеачката партија, под палката на Алексис Ципрас, но и евентуално да се одржи средба на двајцата коалициони партнери, сѐ со цел да се испеглаат разликите околу националната позиција за името.

Според сите изјави и од официјална Атина и од официјално Скопје, 2018 може да биде клучна година за двете земји. Оптимизмот е присутен и од двете страни на границата за затворање на спорот стар повеќе од четврт век.

Овој оптимизам започна од шефот на грчката дипломатија, кога на 26 октомври на прес конференција во грчкото МНР, за прв пат, опширно и детално говореше за прашањето за името. Овој став, за решение во првите 6 месеци од 2018, грчките медиуми го поврзаа со следниот самит на НАТО во јули годинава, поставувајќи го како краен рок за постигнување договор.

Тој вели дека освен името, постојат и други прашања како што е опсегот на употреба, временскиот рок, останатите теми поврзани со името, а сето ова го прави целиот проблем сложен и затоа од двете страни потребна е макотрпна работа во ограничен временски рок за решение. И покрај сѐ, оптимизмот и понатаму е присутен и сите се во исчекување на новата средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји, што ќе се одржи, веројатно на крајот на месецов.