За 24-ти јануари е закажано првото рочиште за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, како и уште четири други лица.
Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина, Фијат Цаноски.
Советот за оценка на обвинителен акт при скопскиот Кривичен суд во ноември минатата година го прифати обвинението за случајот „ТНТ“. Апелацискиот суд на почетокот од истиот месец одлучи прислушуваните разговори да можат да се користат како докази во судската постапка.