Собранието на Република Македонија информира дека сите поднесени амандмани за Законот за употреба на јазиците се уредно примени во собраниската архива и најостро ги демантира наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ, како и пишувањата во дел од електронските медиуми за наводно фрлени амандмани.

Во соопштението на Собранието се наведува дека поголемиот дел од поднесените амндмани се архивирани, обработени и ставени на е-парламент.

– Со оглед на големиот број на поднесени амандмани Службата на Собранието уредно постапува во рамките на своите задолженија и во текот на денешниот ден, се до целосно завршување на процесот. По спроведена интерна проверка утврдено е дека сите оригинали од амандманите уредно се архивирани и се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амндмани кои се уредно внесени во процедура и се веќе објавени на е-парламент, со што се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста, се вели во соопштението.

Од Собранието, информираат дека се е отворено за увид во врска со ова прашање.

– Според утврдената фактичка состојба, наводите изнесени на денешната и синоќешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ се обид за груба манипулација со јавноста и дискредитација на Службата на Собранието, стои во соопштението од Собранието.

Собранието апелира до политичките субјекти да се воздржат од шпекулации и да не ја дезинформираат јавноста, затоа што тоа штети на угледот на законодавниот дом и на тековните реформски процеси.

Првично за ова пишуваше порталот „Република“, koj објави видео снимка која, како што тврди, докажува дека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците, завршиле во контејнерите зад Собранието.

„Единственото легално и демократско оружје на опозицијата да се спротивстави на донесувањето на неуставниот закон, кој е на штета на Република Македонија на подмолен начин ѝ е одземено на опозицијата“, пишува „Република“.