Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи судење за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев.
Претходното судење беше одложено, бидејќи предметот не беше пристигнат од Апелацискиот суд, кој требаше да одлучи по жалбата на одбраната на Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки (ПИМ) да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, бидејќи делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека очекува од Апелација жалбата да биде прифатена и додаде дека, како и да одлучи Судот, ќе ја почитува одлуката.
– Жалбата е суштествена во самата постапка и се однесува на тоа дали јавно објавените ПИ-мерки во продолжение на рочиштето ќе бидат доказ или не. Јас сакам таа снимка да биде јавно достапна за да може да ја видат сите комплетно, без деловите каде е пресечена заради тоа што не само што сум убеден во добивањето на правдата и потврдувањето на мојата невиност затоа што извршувам висока политичка функција – рече Заев.
Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.