Добро е што започнаа разговорите со опозицијата за постигнување консензус во државата во однос на спорот за името во пресрет на посетата на медијаторото на ОН Метји Нимиц. Тоа дава оптимизам и надеж дека со еден консензус ќе изградиме државен став што ќе ја подобри позицијата на државата во пресрет на затворање на овој спор, истакна на днешната средба со новинарите вицперемиерот за европски прашања Бујар Османи.

– Јасно е дека и за датум за преговори со ЕУ и за НАТО потребно е решавање на спорот за името. Јас сум оптимист и не гледам друга алтернатива во делот на добивање покана за НАТО ниту во однос на добивање датум за отпочнување на преговорите. Немањето на алтернатива го гледам во фактот што оваа година е многу попогодна за да може да се реши спорот и да може тоа да се материјализира и во членство во НАТО и во ЕУ. Наредниот период е многу понепредвидлив и во државите кои треба да го решат спорот и во самата ЕУ. Така што свесни сме за важноста на моментот и затоа сме одлучни, не по секоја цена, да го затвориме прашањето зачувувајќи го достоинството и во едната и во другата држава и притоа отворајќи ново поглавје на соработка во регионот и на соработка на регионот со ЕУ и со НАТО – рече Османи.