Денешното судско рочиште за предметот на СЈО „Топлик“ во кој се осомничени поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште, е одложено за 8 март.

Адвокатите пред почетокот на главната расправа побара изземање на вештачењето на доказна документација изработена од СЈО, бидејќи вештото лице во моментов е директор на Агенцијата за катастар на недвижности, а неговата ќерка работи во СЈО. Според нив вештачењето е пристрасно.

Обвинителите од СЈО сметаат дека барањето на одбраната е неосновано, поради што побараа судот да не го прифати приговорот.

Судијата Осман Шабани рече дека Судечкиот совет ќе одлучи дополнително за барањето на одбраната и оти за одлуката, односно за тоа дали ќе биде прифатено ова вештачење или ќе биде назначен нов вештак странките ќе ја добијат на писмено известување.

Во исто време денеска во Кривичен беше закажано рочиште за предметот „Труст“, но не се одржа поради боледување на судијката Лидија Зимбовска. Судењето е презакажано за 8 февруари.

Минатото рочиште беше одложено поради влошена здравствена состојба на второбвинетиот Василије Авировиќ. Овој судски процес е во фаза на доказна постапка.

Првоосомничен во „Труст“ е бизнисменот Сеад Кочан. Тој и уште две физички и три правни лица, меѓу кои управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и ВАТО се сомничат за учество во тендер на Електрани на Македонија во вредност од 17 милиони евра со фалсификувани документи.