Судењето за предметот „Тенк“ на СЈО во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес вреден 600 илјади евра, е одложено за 12, 13 и 16 февруари.

Судијката Добрила Кацарска го прифати барањето на адвокатот Богољуб Софрониевски за одложување на рочиштето бидејќи немал доволно време за подготовка, имајќи предвид дека и вчера бил ангажиран како бранител на Ѓоко Поповски.

Адвокатот на Груевски и на Јанкулоска, Димитар Дангов, пак, даде приговор во досно на снимањето на рочиштето.

На почетокот на рочиштето судијката Кацарска го предупреди Груевски да не доцни на судењето.

Според обвинението, што во судот го застапуваат обвинителите Трајче Пеливанов и Елизабета Јосифовска, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година, Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.