Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Нилс Мужниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа.

Како што соопшти владината прес-служба, Мужниекс на средбата оценил дека во Република Македонија постои позитивна енергија за движење на државата напред.

На средбата се разговарало за почитувањето на човековите права во земјава, на планот на меѓуетничките односи и на планот на почитувањето на правата на ранливите групи и, генерално, на сите граѓани во државата.

– Го спроведуваме успешно концептот едно општество за сите, што ја има мнозинската поддршка на граѓаните во Република Македонија. Луѓето во Македонија покажаа дека им е доста од национализми и дека она што е од интерес за сите се еднакви права и можности во здравството, образованието, институциите, рекол премиерот Заев на средбата.

Работиме на тоа, додал Заев, преку овозможување на реализацијата на практичните потреби на граѓаните во институциите, за да можеме да се посветиме целосно на изградбата квалитетен социјален систем и отворање нови работни места, што, како што посочил, е суштинска потреба на сите граѓани, без разлика на каква било различност.

Македонскиот премиер истакнал и дека успешниот модел за функционирање на Република Македонија како вистинска мултиетничка држава го обезбедува и патот на земјата кон Европската унија и кон НАТО.

На средбата биле поздравени реформските процеси во областите што се однесуваат на почитувањето на човековите права.