Министерството за одбрана на Република Македонија категорично ги отфрла дезинформациите изнесени на денешната прес-конференција на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Полковникот Горан Василевски поседува безбедносен сертификат потребен за неговото работно место, издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

До моментот на добивање сертификат, Василевски нема решение од Министерката за одбрана дека е овластено лице за безбедносни сертификати во МО. Дека нема пречки да се стекне со потребниот степен на доверливост, потврдуваат и УБК и ДБКИ, кои сигурно дека не би ги нарушиле востановените процедури доколку постоел податок кој го тврди спротивното.

Претходната пракса на одземање на безбедносните сертификати, во голем број случаи се користела како начин за дискреционо фаворизирање на едни, а елиминација на други кадри во МО и АРМ. И од страна на Генералштабот на АРМ во повеќе прилики беше оценето дека оваа пракса се злоупотребувала како алатка за елиминирање или протежирање на политички подобни кадри. Таа практика заврши.

Ерозијата на безбедносните системи во времето на ВМРО ДПМНЕ и нивната злоупотреба за лични и партиски цели доведе до политичката криза која ја држеше земјата во заложништво, системски ги кршеше човековите права и ја загрози Република Македонија и нејзиниот уставен поредок. Тоа го потврдија и наодите во извештајот на Прибе.

Министерството за одбрана е посветено на вистински и суштински реформи во овој сектор и активно учествува во проектите поддржани од меѓународните институции за професионализација и владеење на правото. Со истата цел се водат и постапките за одговорност на лицата кои скриени зад службите работеле за свои интереси.

Владата е цврсто решена да стави крај на ваквите и сите други злоупотреби во безбедносниот и разузнавачкиот сектор и спроведува суштински реформи, врз основа на забелешките од Прибе. Ваквите дезинформации нема да не спречат во искоренувањето на сите аномалии во овој сектор кои земјата веќе ја чинеа многу.

Ја повикуваме ВМРО ДПМНЕ да престане со ширењето на дезинформации кои се на штета на државните интереси. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се придружи кон напорите на владата кои се признаени од сите меѓународни партнери, за деблокирање на процесот на интеграција во Македонија во НАТО.