Дигиталниот самит за државите од Западен Балкан, што како дел од Берлинскиот процес се организира првпат, беше темата за која денеска во Софија разговараа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и еврокомесарката Мариа Габриел.
- Македонија е првата земја домаќин на Самитот што ќе се одржи на 18-ти и 19-ти април во Скопје. Еврокомесарката Габриел ја прифати поканата да го отвори самитот, како потврда дека дигиталната агенда е во фокусот на претседателството на Бугарија со Европската унија, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерот Манчевски, кој е во работна посета на Софија, истакнал дека поддршката на Европската комисија за Македонија во реализација на проектите во дигиталната сфера, како што се младинската гаранција, технолошкиот парк и националниот портал за е-услуги се од особено значење за нас.
Тој се осврнал на пораката што Дигиталниот самит треба да ја испрати, а тоа е важноста од единството на регионот во интеграцијата во Европската унија.
Еврокомесарката Габриел ги презентирала заложбите и конкретните мерки за драстично намалување на цените на роамингот во регионот.
Ова, како што се наведува, ќе биде една од пораките и на Дигиталниот самит затоа што е од важност за сите граѓани од регионот.
- Со реализација на мерки и активности во дигиталната сфера, граѓаните во регионот многу побрзо ќе бидат дел од Европското семејство, заклучиле министерот Манчевски и еврокомесарката Габриел.