Процесот на преговори со Грција не се крие од граѓаните, туку се уште е рано да се отвори за јавноста, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во вечерашното гостување на дебатната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.
- Имам кажано дека јавноста е исклучена затоа што процесот е се уште во фаза на ембрион и премногу изложување на сонце може да го изгори. Ние сме многу внимателни, веројатно Грција може да е покомотна по однос на прашањето бидејќи сепак неа не и зависи иднината од тоа дали ќе се реши спорот сега, утре или понатаму. Ние сме повнимателни во тој дел и сакаме процесот да успее, истакна Османи.
Воопшто, како што рече, немаме тенденција на нетранспарентност или на криење од јавноста.
- Едноставно мора да се канализира таа дебата за да не се остави простор некој да ја киднапира дебатата или да ја однесе во непосакуван правец. А такви тенденици има и ќе има, коишто ќе сакаат дебатата да ја киднапираат за свои цели за да го пропречат процесот, рече Османи.
Ние, како што додаде, засега имаме сет на идеи кои не се оформени во конкретен предлог.
- Лидерската средба беше од информативен карактер и лидерите на македонските партии побараа време да го кажат својот став. Нема криење од јавноста за да не се злупотреби дебатата. Ние сме одлучиле да бидеме внимателни, бидејќи сме сериозни за да најдеме решение, додаде Османи.