Јавноста е целосно информирана за демонстрираната добра волја од двете страни, решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес, соопштија денес од Владата на Р.М. по изјавата на министерот за надоврешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

“На билатералната средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на Економскиот форум во Давос, за прв пат после две децении се откочија процесите кои водат кон достоинствено решение на отворените прашања на Република Грција и Република Македонија како две соседни европски земји. За демонстрираната добра волја од двете страни јавноста беше целосно информирана. Изнаоѓањето взаемно прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес. Потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитет на граѓаните на двете држави. За секој следен значителен исчекор во текот на преговорите јавноста ќе биде повторно целосно информирана.” – се вели во соопштението од Владата

Претходно, Коѕијас побара Владата јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните.

“Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и секако како што гледате тоа си има и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува, вели шефот на грчката дипломатија.” – истакна Коѕијас во интервју Eуроњуз на грчки јазик.