Првиот човек на Кривичниот суд Иван Џолев на денешниот брифинг со новинарите рече дека за судскиот службеник Горан Стаменковски е преземена постапка за утврдување на одговорност во врска со инцидентот со судијата Владимир Панчевски во Судот за прекршоци.

Посочи дека се земени изјави од Панчевски и двајцата судски службеници кои биле присутни на настанот за утврдување дисциплинска постапка.

– За однесувањето на судијата, може да расправа само Судскиот совет, рече Џолев.

Инцидентот меѓу поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и раководителот на секторот за човечки ресурси во Судот Горан Стаменковски се случи на 18 јануари годинава.

Судијата Панчевски до полицијата поднесе пријава дека на 18 јануари во 9:30 часот, во неговата канцеларија број 61 во одделението за прекршоци, влегол Стаменковски и почнал вербално да му се заканува, додека пак Стаменковски го тврдеше спротивното.