Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев на денешниот брифинг со новинарите рече дека се уште нема официјална покана, но ако добие ќе биде дел од новото тело за следење на реформите во правосудството, со кое ќе претседава премиерот Зоран Заев.

- Официјална покана немам, а дека ќе членувам по функција во тоа тело дознав од медиумите. Ако добијам покана ќе бидам дел од ова тело, изјави Џолев.

Премиерот Зоран Заев, на 48. владина седница, најави дека до крајот месецот ќе се формира Совет за следење на имплементацијата на Стратегијата во правосудството за периодот од 2017 до 2022 година.

Од владината прес-служба, на 9 јануари информираа, дека со ова тело ќе претседава премиерот Заев и дека тој на седницата јавно им се заблагодарил за завршената успешна работа на членовите на Советот за реформи во правосудството, кој работи во рамките на Министерството за правда, и кои активно работеле на изработка на стратегијата како обврска предвидена во деловите 3 и 6 од планот 3-6-9.