2025-та е можен датум за прием на нови земји членки во Европската унија, но во однос на состојбите во регионот нема да постои можноста да се дојде до задоволително ниво за било која од овие земји во блиска иднина да стане членка. Мора нешто драматично да се случи во реформите кои се реализираат или во преговорите, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар, осврнувајќи се на Стратегијата за Западниот Балкан на Европската комисија.
Добрососедските односи се еден од шесте важни услови за прием во Унијата, па Македонија ќе мора да го реши проблемот со името со Грција, оценува Жбогар.
„Оваа година нема избори ниту овде, ниту во Грција. Изборите се секогаш пречка и добро е што се во далечна иднина, па можеби ќе биде полесно политичарите да носат одлуки. Ова ќе биде тешко, кое и да е решението ќе биде тешка одлука и за двете држави и за двете влади, затоа мислам дека наредните шест месеци ќе бидат важни“- смета евроамбасадорот Жбогар.
ЕУ внимателно ги набљудува судските процеси во Македонија за да се оценува владеењето на правото. Македонски полициски лица ќе можат да одат на обука со европските, за да се интегрираат во заеднички европски безбедносен систем.
Брисел ќе ги зголеми финансиите за проекти, и се надева европски компании ќе вложуваат во регионот за да се зголеми економскиот раст на земјите- кандидати.
Двојно ќе се зголеми размената на студенти со програмата Еразмус и дигиталното и енергетското поврзување со ЕУ.