Постои консензус во однос на тоа дали треба да преговараме, дали треба да прифатиме некој вид компромис, бидејќи и конзервативната и социјалдемократската влада во одредени моменти прифатиле одредени компромиси, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска за грчката телевизија Скај.

Говорејќи за емисијата „Историес“ Шекеринска објаснува дека македонските влади во минатото рекле „да“ за компромис, како на пример името „Република Македонија – Скопје“, а според тоа, таа изрази верување дека кај нас постои консензус во однос на потребата за решение, јавува дописникот на МИА од Атина.

- Фактот дека преговараме некаков вид сложено име со некаков вид на придавки или додавки, покажува дека постојат двоумења, емоции, но и волја да одиме напред, вели Шекеринска, како што објавува ТВ Скај.

Министерката за одбрана, смета дека во последните 25 години, постоеле подобри можности за решение, но секогаш нешто недостасувало.

- За танго се потребни двајца и целосно го разбираме ова. Па така, потребна е вистинска посветеност и од двете страни и, исто така, малку храброст, за работите да одат напред. Навистина верувам дека имаме историја на изгубени можности и мислам дека треба да го искористиме тоа искуство за да кажеме каде сакаме да бидат нашите две земји за 25 години, објаснува министерката за одбрана.

Во истата емисија лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека македонската влада е реформаторска и верува дека „во рамки на овие реформи конечно ќе се реши 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина.“

- Ние сме земја без име, имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат, вели Ахмети, како што објави ТВ Скај.