Дефинитивно мора да се изгради нов Клинички Центар, но не на старата локација. Асоцијацијата на архитекти смета дека комплексот треба да биде лоциран во близина на психијатриската болница Бардовци, бидејќи таму имало доволно простор и солидна инфраструктура.

Промена на локацијата, велат, мора да има - зашто на постојната има страшен сообраќаен метеж и загрозена животна средина.

Архитектите се пожалија дека власта била глува на нив и не побарала стручно мислење, кога се носи одлука за урбаното планирање.

- Местото каде што сега е Клиничкиот центар ќе умре. Како архитекти, ние мора да гледаме напред и да имаме визија - да предвидиме работи, а не да го решиме проблемот сега и да го закрпиме да држи три години. Изградбата и дислокацијата би бил процес од 10-15 години, најпрво со селење на клиниките кои функционираат самостојно, како Стоматолошката, а на крајот Хирургијата, рече Претседателот на ААМ Мартин Пановски.

Локацијата во Бардовци првична идеја, но подоцна беше напуштена бидејќи пресметките покажаа оти би чинела неколкукратно повеќе.

Лани беше потпишан договор со италијански ИНСО - системи кој предвидува изградба на центар во рамки на постоечките универзитетски клиники на Водно. Проектот е проценет на 72 милиони евра. Доколку се раскине државата ќе треба да плати пенали од околу 5 милиони евра.

- Проектот за Клинички центар во Злокуќани и придобивките од него би биле на површина четири пати поголема од сегашната, односно 94 хектари наспроти постојните 20 хектари или, илустративно - сега Клинички се просторира колку на четири градски стадиони, а новиот би бил на 16, рече архитектот Иван Арсовски.

Новата локација предвидува и изградба на нови болници и факултети. Планирано е да има осум влеза, инфраструктурно поврзување околу северната обиколница и пристап за западниот и источниот дел на Македонија, и за граѓаните на Скопје, како и можност за изградба на автобуски и железнички терминал, хелиодром и мерки за спасување.

Сето тоа, сметаат архитектите, ќе ги подобри условите за работа на докторите и стандардите за лекување на пациентите кои ќе добијат брза и квалитетна здравствена услуга.