Македонските судови во однос на притворот треба да ги почитуваат праксите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), сметаат претставниците на Институтот за човекови права (ИСП), Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика кои денеска го презентираа вториот мониторинг извештај „Реформи во судството – октомври – декември 2017“ во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“.
Во текстот се бара да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на ЕСЧП против државата особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи. Неизвршувањето на одлуките на судот во Стразбур има негативно влијание на заштитата на човековите права. Во извештајниот период ЕСЧП донела две пресуди и тоа за Православната Охридска Архиепископија против РМН и Крастановски и други против РМ.
Во него се нагласува потребата од деполитизација на изборот и на унапредувањето на судиите и на јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспаретни, објективни и на критериуми засновани на заслуги, за примена на хармонизиран систем на учинок заснован на квантитативните, но и на квалитативните стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство, да се остранат елементите од системот за дисциплинска одговорност и за разрешување на судиите кои во моментов ја поткопуваат судската независност, и во теорија и во практика, обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија. Исто така се бара проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија, како преку подобрена комуникациска стратегија, така и од преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок, да се унапреди обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и јавни обвинители и да се поттикне испраќањето на национални судии на стаж во Европскиот суд за човекови права.
Ива Коневска од Институтот за европска политика на денешната прес-конференција кажа дека судовите во Македонија речиси никогаш не ги објавуваат навремено одлуките на судскиот портал www.sud.mk, во кој се вклучени Судскиот совет на РМ и сите 34 судови на територијата на Република Македонија. Според податоците Управниот суд од октомври до декември лани има најголем број објавени одлуки, додека судот во Неготино нема ниту една, Основиот суд Скопје 1 само 18, а граѓанскиот суд само 193 одлуки.
Судскиот совет на Република Македонија како ефикасни и ажурни судови ги има оценето Управниот суд и Основниот суд Скопје 1, додека како неефикасни и неажурни Основниот суд Скопје 2 и Основниот суд во Неготино.
Во извештајот, исто така, се наведува дека пред Управниот суд има 38 нерешени предмети, со времетраење од три до седум години, од кои четири се предмети за денационализација и еден за експропријација. Управниот суд нема нерешени предмети постари од седум и 10 години. Вишиот Управен суд нема незавршени предмети постари од три, седум и 10 години.