Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со турскиот премиер Бинали Јилдирим, во рамки на официјалната посета на Република Турција, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.
Премиерот Зоран Заев ја почна официјалната работна посета на Турција со средбата со неговиот домаќин во Анкара- премиерот Јилдирим. Договори во областа на енергетиката, одбраната, туризмот, зголемување на севкупната економска соработка, но и во спречувањето на тероризмот.
Јилдирим побарал од Заев поактивно учество и спречување на дејностите на терористичката организација „Фето“, предводена од Фетулах Ѓулен во Македонија. Едно од прашањата за кое било разговарано, била и разликата околу името.
Турција ја прифаќа политиката на дијалог, но Јилдирим тврди- станува збор за суверено право на една држава. Турција е пријател на Македонија и по ова прашање- вели премиерот Заев.
На средбата на двете делегации, премиерот Заев побарал да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а премиерот Јилдирим порачал дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во оваа стратешка цел.
Од владината прес-служба информираа дека продолжуваат средбите на премиерот Заев во рамки на посетата на Анкара на највисоко државно ниво.