Почна состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Виена. Ова е трета рунда од обновените преговори меѓу двете земји за решавање на спор за името...

Нова рунда преговори за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција на ниво на министри за надворешни работи под посредништво на медијаторот Метју Нимиц се одржуваат денеска во Виена.

Од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас синоќа се сретнале во Виена, а за денеска имаат заеднички состанок со медијаторот Метју Нимиц.

Посредникот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина и Скопје, каде што имаше одвоени средби со македонскиот и со грчкиот државно- политички врв.

Грчкото МНР веќе објави фотографија од средбата на Твитер профилот на Коѕијас, со кратко објаснување дека средбата под покровителство на Нимиц е дел од разговорите за наоѓање на заемно прифатливо решение за името.

Преговорите прв пат по обновувањето се водат на ниво на министри за надворешни работи, откако за тоа се договорија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбата во Давос минатиот месец.