Во Македонија денеска се празнува православниот празник Свети Трифун - заштитникот на лозарите и градинарите во чија чест традиционално се закројуваат лозовите насади.
Во винарските визби низ државата ќе бидат организирани прослави на кои ќе се слави денот на виното.
Полнолетниот македонски граѓанин просечно годишно пие 2,4 литри вино и 1 литрo ракија, покажуваат податоците што во пресрет на празнувањето на Денот на виното и љубовта што ги објави Државниот завод за статистика. За разлика од 2016 година лани, и конзумирањето на вино и конзумирањето на ракија е зголемено.
Во Македонија има 87,9 милиони пенушки засадени на површина од 23.7033 хектари, а 62-те винарии произведуваат 369 339 хектолитри вино на точење и 265 683 хектолитри вино во шишиња како и 18 671 хектолитри природни жестоки алкохолни пијалаци. Од вкуниот извоз 48% се извезува во земјите од западен балкан додека 41% им припаѓа на земјите од ЕУ. Вкупната вредност на извозот на вино изнесува 43,8 милиони евра.
Покрај ова, во Македонија се произведуваат во домашни услови и 50.666 тони грозје и 74 000 хектолитри вино. – Свети Трифун се празнува на 1. сечко, според стариот или на 14 февруари според новиот календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода, за која се верувало дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и дека има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата, при што го изведувале и обредното закројување, пишува д-р Марко Китевски во книгата „Македонски празници“.
Покрај Св. Трифун, младите во Македонија го празнуваат и католичкиот празник Свети Валентин – Денот на вљубените кога си подаруваат подароци во знакот на љубовта во вид на плишани мечиња, срца, чоколадни производи во вид на срце, разни цветни аранжмани и слично.