Во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Траекторија“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Обвинетите присуствуваат на денешното рочиште што го води судијата Горан Бошевски. На почетокот, судијата Бошевски ги одби предлозите на одбраната од претходното рочиште да им бидат предадени доказите на ЦД или во пишана форма, како и аудио снимките да се одбијат како материјални докази во постапката.

Во однос на аудио снимките, Бошевски рече дека независно што тие се креирани на незаконит начин, сепак од СЈО се предадени на законит начин и можат да се користат во постапката. Бошевски посочи дека транскриптите од снимките не се доказ, туку помошно средство и апелираше, но не го задолжи СЈО, ако може да ги даде на одбраната на ЦД, бидејќи и судот нема ништо против тоа да биде направено.

Како дел од доказниот материјал во овој случај се 315 аудио-снимки.