Судии и претседатели на судови прашуваа дали ќе има масовни разрешувања- се пожали превиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Ваквите информации ги нарече лажни вести. Во Советот пристигнале 217 претставки, но само пет барања за утврдување одговорност за судија. Нема рокови до кога треба Комисијата да заврши со работата...

Лажни вести се шират за разрешување на 110 судии, тврди првиот човек на Судскиот совет, Караџовски. Toj вели дека до Советот стигнале 217 преставки и поплаки од граѓани и правни лица за судии и претседатели на судови, но само пет предмети се однесуваат на барање за утврдување одговорност.

Во оваа фаза Судскиот совет ќе одлучува кој ќе го замени Советот за утврдување факти кој престана да постои. Комисија од три члена избрани со ждрепка ќе решава за барањето по што ќе достави извештај на седница. Рокови нема, вели Караџовски, но Законот предвидел добри механизми да не се одолговлекува постапката.

Не беа посочени имињата на судиите за кои е побарано утврдување на одговорноста, но со оглед на тоа дека барањата се наследни од Советот за утврдување факти, кој јавно објави за кого ќе бара одговорност, веројатно се однесува на дел од петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд, кој го ослободи од притвор бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот „Труст“ на СЈО.

На почетокот на седницата членот на Судскиот совет, Владо Богдановски, побара Советот да расправа за известувањето на медиумите, осврнувајќи се на дебатните емисии на националните приватни телевизии.

На реакцијата на новинарите дека тоа е обид за затворање на Советот од јавноста, Караџовски со одговор дека тој нема да дозволи Советот да се меша во уредувачката политика на медиумите.