Предлозите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер за измени и дополнувања на Законот со кој се регулира оваа област се однесуваат главно на изнаоѓање начини за надминување на проблемот со молкот на администрацијата и изршувањето на решенијата на Комисијата.

Во 2017 година до Комисијата биле доставени 758 жалби што, како што изјави претседателот на Комисијата Ѓорѓи Сламков, е зголемување во споредба со претходната година кога имало поднесено 619 жалби. Во 2016 година, според информациите на Комисијата, до институциите и општините биле поднесени околу 7.000 барања за информации од слободен карактер. Најголем број од барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер не биле одговорени од одредени државни институции и општините.

Измените и дополнувањата на законот се веќе најавени на ЕНЕР, а се очекува формирање на работна група која ќе работи на нив. Во процесот покрај Комисијата и Министерството за правда се вклучени и претставници од НВО кои доставиле предлози за измени и дополнувања на законот.

- Комисијата има доставено околу десетина предлози за измена на законот при што потенцираме две суштински точки, а тоа се начини за надминување на проблемот со молкот на администрацијата. Молкот на администрацијата е проблем што постои долг временски период и тој се зголемува. Предложивме воведување санкција за раководителот или одговорното лице во институцијата бидејќи сметаме дека дали одредена информација ќе се даде во законскиот рок зависи пред се од одговорното лице на институцијата не од службеното и бараме кумулативна одговорност за двата субјекти, рече Сламков.

Вториот фокус е кога има неизвршување на решенија на Комисијата, што не е толку застапено, но вели Сламков, е присутно и има силно влијание.

- Затоа предлагаме да се внесе во материјалниот дел на законот обврска за извршување на решенијата, а тоа да биде проследено во прекршочниот дел со санкција за раководното лице за неизвршување на решението на Комисијата во определен а тоа е рок од 15 дена, вели претседателот на Комисијата.

Според Сламков, тие имаат предлози и за воведување на инспекциски надзор и слично.

Здружението на новинари на Македонија, кое денеска потпиша Меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе поддржи дел од овие предлози на Комисијата за измените на Законот.

- ЗНМ ги доби забелешките и сериозно размислуваме најголем дел од нив да ги поддржиме и застанеме зад нив затоа што се сериозно аргументирани забелешки кои сметаме дека ќе го подобрат Законот, рече Селмани, кој, исто така, од Собранието побара што поскоро да ги пополни испразнетите места во Комисијата, за таа работи во полн состав.

Со Меморандумот за соработка помеѓу Комисијата и ЗНМ се предвидени, генерално, активности за покревање на јавната свест кај граѓаните за правото на пристап до информации од јавен карактер. За таа цел ќе се организраат обуки и кампањи кои ќе придонесат институциите да станат потранспарентни за новинарите и за граѓаните како корисници на уставно загарантираното право на слободен пристап до информациите од јавен карактер.