Стратегијата за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, не дава точна детекција на проблемите во судството и нема јасна визија во која насока треба да оди реформата на правосудниот систем во следните пет години, со цел да се постигнат суштински резултати.

Ова се наведува во трудот насловен „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ кој е еден од двата труда на авторот Денис Прешова што беа презентирани денеска. Според него, не постои документ во рамки на правото на ЕУ кој го дефинира прашањето на независноста на судството, туку тоа се препораки и широко дефинирани одредби и затоа вели, во процесот на преговарање и договарње со ЕУ ова мора да се има предвид., а самиот процес на реформа на судство под покровителство на ЕУ мора да се третира како заеднички проект.

Тој критички се осврнува и на европските стандарди за независност на судството и моделот на силни судски совети и укажува дека, инсистирањето на униформност во однос на институционалните стандарди од страна на ЕК, мора да се зема со резерва имајќи го предвид локалниот контекст во кој опстојува судството.

– Во земји каде нема долга независност на судството, каде има судски менталитет на субмисивност (потчинетост), и висок степен на хиерархичност потчинетост, при воведување на силни судски совети се јавуваат најчесто два негативни ефекта – судството уште повеќе се изложува на нови видови институционални и вонинституционални форми на притисок. Во нашиот случај тоа можеше да се забележи преку улогата на министерот на правда од аспект на институционалните форми, но уште позагружувачки преку синонимот на вонинституциоонални форми на влијание – „тефтерчето“. Доколку не интервенираме во однос на ова прашање се соочуваме со проблемот судството да се претвори во „игра на тефтерчиња“, вели Прешова.

Мирјана Лазаровска-Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во својот коментар истакна дека трудот порачува дека Судскиот совет треба да има улога на поврзувач меѓу извршната и законодавната и судската власт.

– Суштината е во тоа што таму треба да бидат луѓе со интегритет со високи морални квалитети и со големи познавања од судскиот систем во државата, кои ќе имаат за улога не само да имаат судии или да одлучуваат за нивната одговорност, туку и ќе ги анализираат состојбите во судството и самите ќе предлагаат излезни решенија во дадени ситуации, без самите да навлезат во загрозување на независноста на судството, рече Лазаровска Трајковска.

Во 2016 година, додаде, од 10 одлуки на ЕСЧП за Македонија, пет се за работата на Судскиот совет и посочуваа на недостаток во постапувањето во делот на независноста на судството.

Вториот труд насловен „Уставниот суд изгубен во судските реформи“ го обработува уставното судство во Република Македонија, осврнувајќи се на потенцијалното позитивно влијание што овој суд би можел да го има врз судството, а низ призма на гореспоменатите судски реформи.

Уставниот суд, вели Прешова, е најнереформираната институција во РМ, иземајќи ги интервенциите во однос на неговиот состав, и укажа дека заедно со Врховниот суд се уште работат според деловници донесени во 1992 година.

Презентацијата беше во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје заедно со Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер за Македонија.