Борис Дамовски, Богдан Илиевски и пратеникот Љубен Арнаудов, излегуваат од притвор, вака одлучи Апелациониот суд, по жалбите на осомничените за собраниските случувања од 27 април, лани. Од Шутка излегува и Јане Ченто, внукот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, како и уште двајца осомничени. Мерката за сите е куќен притвор, а судот одлучил да им бидат одземени и пасошите.

Одлуката на Апелација е поранешниот министер за внатрешни и прв човек на јавната безбедност Митко Чавков и понатаму да остане во истражниот затвор. Вишото јавно обвинителство остана на ставот со образложение од неколку реченици дека постои опасност екс министерот да го повтори делото. За одбраната е нејасно како Чавков би го сторил тоа како пензионер. Вчера на јавната седница, адвокатот Дуковски реагираше дека иако жалбата за продолжување на притворот ја испратиле на 30ти јануари, расправата се случува по 20 дена, односно на 6 дена пред да истече и третиот месец. Дополнително адвокатот реагираше дека двете досега решенија за продолжување на притворот за Чавков се буквално идентично напишани.

На 26 февруари, кривичниот суд ќе треба да се произнесе за мерките на осомничените за 27 април за 4 месец од отворената истрага. Конкретно за овој случај, станува пракса, Вишото јавно обвинителство мислење за тоа дали се основани жалбите до Апелација, да дава на една недела пред да истечат 30 дена на кои се однесува жалбата за притворот.