При вчерашниот вонреден инспекциски надзор во меѓуопштинскиот Центар за социјална работа на Град Скопје, за да се испитаат сите околности во случајот со малолетната девојка, социјалната инспекција констатирала прекршувања на законите за социјална заштита и за семејство, подзаконски, општи, поединечни и други акти донесени во поглед на постапката за ставање лица под старателство, сместување дете во установа и сместување дете без родителска грижа во згрижувачко семејство.
Министерството за труд и социјална политика информира дека врз основа на досегашните наоди, се подготвуваат прекршочни и кривични пријави за одговорни и стручни лица, а сите сознанија и докази за овој случај се доставуваат до Основното јавно обвинителство.
Покрај лоцирањето на одговорност во Центарот за социјална работа, паралелно се испитува и работата на заводот за згрижување деца со вопитно- социјални проблеми и нарушено поведение, каде што е во тек инспекциски увид, соопшти ресорот за труд и социјална политика.