По грчкото вето во 2008-та за членството во НАТО, земјата стана пофрустрирана, поизолирана, а во политиката се пополни празнината со многу работи вклучувајќи и национализмот. Членството во ЕУ и НАТО не можат да го победат национализмот, но доколку на луѓето им се даде надеж, можност за стабилен интегриран регион и економски раст што доаѓа со членството, ќе се создаде противотров за борба против национализмот, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за Дојче Веле.
„Ништо не се постигнува без оптимизам. Тоа за нас е еден вид на импулс. Импулс за започнување на реформската агенда во земјата. Ги надминавме разликите кои ги имавме со Бугарија и склучивме договор, само два месеци откако бевме избрани како нова Влада. Покажавме еден поинаков начин на креирање политики, поинаков начин на однесување, европско однесување на Балканот и веруваме дека ова може да функционира и во случајот со спорот околу нашето име со Грција“, рече Шекеринска на прашањето околу шансите за решавање на спорот за името.
Додаде дека успехот ќе зависи од двете влади, кои сакаат да се стави крај на овој спор.