Солидарноста што е изразена меѓу шесте земји од Западен Балкан секогаш да бидеме заедно, е причината за изјавата на потпретседателот на Владата Бујар Османи дека нема да учествува на конференцијата во Бања Лука, појасни денеска премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања по средбата со тутунопроизводителите во Конче и додаде дека шесте земји од Западен Балкан секаде се заедно без разлика која колку е понапред во ЕУ интеграциите.
– Не знам зошто Косово не е покането, веројатно Босна и Херцеговина го нема признато. Ако една или две земји не се поканети, тогаш која е целта другите да присуствуваат. Не можам да потврдам колку е соодветно дадена изјавата на вицепремиерот Османи, зашто без објаснувањето кое го дадов испраќа погрешна порака до нашите партнери од регионот со кои сакаме да одиме напред. Знаеме дека сакаме да имаме добрососедски односи со сите и мораме при давањето на изјавата да внимаваме на одекот кон нашите соседи и внатре во државата, рече Заев.