И Музејот на ВМРО набрзо ќе биде дел од анализата на работната група која врши ревизија на проектот „Скопје 2014“, најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Комисијата нема да го поштеди ниту споменикот на плоштадот ВМРО. Според него, работната група веќе прави детални анализи на проектот дел по дел околу спорните споменици, по што ќе започне со рушење. Следни на удар се споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот, порта Македонија, споменикот Мајка Тереза чија градба е веќе стопирана, а се размислува и за споменикот на Филип Втори.

Министерот ги отфрли обвинувањата дека отстранувањето на споменикот на Ќосето е направено согласно договорот со Бугарија. Бугарскиот евро пратеник Ангел Џамбаски тврдеше дека рушењето на споменикот е исполнување на договорот за добрососедство со Бугарија.

ВМРО-ДПМНЕ прашува уште колку тајни ветување дал Заев на Бугарија како дел од договорот и колку отстапки треба да направат Македонија и македонскиот народ во иднина. Рушењето на споменикот на Андон Јанев Ќосето доцна во ноќта е нелегално, а јавноста е во шок од незаконските и вандалски постапки на власта, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, рушењето на споменикот е обид за рушење на идејата за Македонија, идеја која била мисла водилка на генерации Македонци кои животот го оставиле на располагање на татковината.

- Ова е одлуката на Советот на град Скопје, со која се одобрува подигање на спомен обележјето на Ќосето. Оваа одлука е донесена со бадентерово мнозинство на Советот на 15.07.2014 година врз основа на чл.36 од Законот за локална самоуправа и чл.18 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја. Овој правен акт е се уште на сила. Согласно оваа одлука градот Скопје има обврска да го чува, одржува, заштитува и користи споменикот. Оттука постапката на град Скопје за рушење на споменикот е целосно незаконска и претставува акт на вандализам, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека градските власти го испраќаат споменикот на Ќосето во Металскиот Завод Тито, оној на УЧК кој никна во Чаир, нема да биде предмет на разработка, зашто според експертите, тој бил друга приказна.

Според работната група на анализа, на тапет се ставени и група од 30-тина скулптури, кои биле поставени од 2008-2010 година. Според координаторот на работното тело, нивната надлежност била да се испитуваат поставените споменици од Скопје 2014.

Историчари за Алфа веќе предупредија наместо политизација на споменичните обележја, надлежните институции да го слушнат мислењето на стручната фела околу заложбите на историските личности. Сметаат дека ваквиот чин испраќа лоша слика за Македонија кон соседството, дека кај нас се е минливо и може да се менува.