Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска одржува средба со граѓанските организации за избор на надворешни експерти кои ќе можат непристрасно да ги оценуваат проектите.

– Процесот мора да биде транспарентен колку што може повеќе. Го искористивме и ИПА2 механизмот со чија помош ќе имаме можност да се консултираме со околу 300 организации за да видиме како тој процес да го направиме транспарентен за да нема никави дилеми кај граѓаните, изјави директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова во Град Скопје. Појасни дека евалуаторите мора да бидат тајни за да не се врши притисок, треба да покажат интегритет, да потпишат писмо во кое ќе кажат дека немаат конфликт на интереси. За околу еден месец ќе има јавен повик кој ќе трае подолго време.

Димова информира дека се сретнала со сите евалуатори кои конкурирале во Агенцијата и од средбите произлегле неколку предлози. Комисијата која ќе утврди кој ќе биде евалуатор да не биде од Агенцијата, како што било досега, туку да биде независна која би се состоела од луѓе кои работат во амбасади и се занимаваат со граѓанско општество. Евалуаторите побарале да се работи со нив зошто не ги познаваат приоритетите на Агенцијата, а мали се и средствата, по 25 или 50 евра од проект.

Директорката Димова евалуаторите ги дели на три групи-луѓе со исклучителен капацитет, кои се евалуатори на други национални агенции во други држави, а кај нас не поминале, евалуатори кои поминале тест и добие само еден или два проекта и евалуатори кои се евалуирале. Потенцира дека досега немало ниту една жалба во Националната агенција за оваа област.