Состојбите со развојот и имплементирањето на политиките кои ги засегаат младите и младинското организирање во Македонија беа тема на дискусија на денешната втора консултативна средба што ја организираше Агенцијата за млади и спорт со поддршка на Владата.
Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата, претставниците на Владата нагласиле дека најдобар начин да се увидат вистинските предизвици во креирањето на новиот закон за млади е да се чујат и земат предвид искуствата од активностите и работата на младинските организации.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски истакна дека е важно да се иницираат вакви и пошироки дебати за клучните прашања за имплементирање на младинските политики за да бидат донесени најдобрите решенија што треба да ги штитат интересите на младите.
Каевски нагласи дека во периодот кој што следи ќе бидат надминати и пречките за основање канцеларија како дел од Регионалната канцеларија за младинска соработка, наречена РИКО, која е дел од Берлински процес, и дека во тек е избор на младински претставник од Македонија во таа регионална канцеларија.
Претставниците на Владата ја презентирале и информацијата од министерствата за култура, за труд и социјална политика, за образование и наука и за здравство која се однесува на фазите на имплементација на младинските политики, и она што овие министерства го преземаат во рамки на своето работење за креирање и спроведување на младинските политики.
- Фокусот на Владата кон младинските политики ќе се интензивира во периодот што следи, при што се предвидени дополнителни консултации со младинските организации, како и тематска седница на Владата посветена на младинските прашања, со цел забрзување на процесите кои што треба да го подобрат животот на младите, стои во соопштението.